Увид во реализација на проектот „Градски воз“ утрово направија министер за транспорт, Александар Николоски, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски и директорот на ЈП МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски.
Министерот Николоски изјави дека до денес првата траса која води од Зелениково, Драчево, Ново Лисиче, Кисела Вода и Аердром до Транспортниот центар е завршена 65 проценти.
„Оваа траса треба да биде завршена до почетокот на јуни, а потоа по тестирањата, официјално на 1 септември со почетокот на школската година да биде пуштена во употреба. Паралелно работиме на набавка на нови гарнитури возови што ќе се сообраќаат на оваа рута“, објасни министерот Николоски и додаде дека очекува до крајот на 2027 година да фидат функционални сите три линии на Градскиот воз.
Градоначалникот Ѓорѓиевски рече го радува што овој проект ветен во предизборната кампања ќе значи нова алтернатива за превоз на скопјани.
Инаку, планот на проектот е првата делница на Градскиот воз да биде од Зелениково преку Драчево, Лисиче, Кисела Вода, Аеродром до центарот на Скопје на главната железничка станица. Втората делница е од Миладиновци Илинден до Маџари, до главната централна железничка станица, а третата делница е од таа централна железничка станица преку Скопје Север, Ѓорче до Волково.
Првата фаза на градски воз од Зелениково до Центар е во должина од 24,5 километри и чини 5,7 милиони евра ќе биде ставена во функција до септември годинава. Втората делница од Драчево до Илинден која е во должина од 7,7 километри и чини 3 милиони евра.
