Времето денеска ќе биде променливо облачно, со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец. Утринските температури ќе се движат од -1 до 5 степени, додека дневните ќе достигнат меѓу 10 и 15 степени.
Во Скопје се очекува слично време – променливо облачно со можност за повремен дожд и слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде околу 4 степени, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи, под влијание на циклонска активност во наредните денови ќе продолжат врнежите од дожд, а на планините од снег. Со падот на температурите, снег се очекува и на некои повисоки места.
Пообилни врнежи се најавуваат утре и задутре, при што локално може да наврнат над 50 литри на метар квадратен. Ќе дува умерен, а во среда и засилен ветер од североисточен правец.
Кон крајот на неделата се очекува стабилизирање на времето, со постепен пораст на дневните температури.
