Започнува денеска реконструкцијата на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт Александар Николоски и директорот на ТАВ Македонија Неџат Курт.
Станува збор за прва поголема реконструкција на аеродромот откако е изграден во 1952 година, додека последните помали интервенции беа направени со модернизацијата во 2011 година.
Според надлежните, реконструкцијата треба да овозможи подобрување на условите и зголемување на бројот на летови и патници. Министерот Николоски претходно изјави дека објектот до скоро не бил целосно легализиран, што претставувало пречка за развој.
Охридскиот аеродром во моментов опслужува десетици дестинации, претежно сезонски, главно кон европски градови. Со реконструкцијата се очекува да се зголеми атрактивноста на аеродромот и да се привлечат нови авиолинии.
Целта е Охрид да стане уште посилна туристичка и транспортна точка во регионот.
