Полициски инспектор вработен во Министерството за внатрешни работи со години управувал полициски хеликоптер користејќи фалсификувана дозвола, а во тој период со леталото биле превезувани и високи државни функционери, меѓу кои политичари и министри, покажуваат информациите од истрагата.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР поднел кривична пријава против него поради сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“, согласно член 378 став 3 од Кривичниот законик.
Според пријавата, осомничениот во периодот од 27 февруари до 10 април 2023 година, во својство на началник на Одделот за воздухопловни единици, со намера незаконски да стекне овластување за инструктор на хеликоптери од типот TRI BELL 206, извршил неовластено впишување во својата дозвола за член на екипаж. Тој внел податок дека поседува овластување TRI B-206, кое наводно било стекнато на 26 февруари 2020 година, иако не ги исполнувал законските услови за тоа.
Како што се наведува, ваквото овластување подоцна го користел како валиден документ пред Управата за полициски специјалности – Воздухопловната полициска единица во Брник, Словенија, како и во две одделни управни постапки пред Агенцијата за цивилно воздухопловство. Со документот се обидел да обезбеди впишување на овластувањето TRI/BELL206 во неговата цивилна воздухопловна дозвола.
Случајот е доставен до надлежното јавно обвинителство, кое треба да одлучи за понатамошниот тек на постапката и евентуалното покренување обвинение.
