Во Македонија има премногу лажни „доктори” и „полицајци” кои со измама ограбуваат стари лица. Вчера такви „лекари” повторно „оперирале” во Битола, овојпат жртва бил 83-годишен дедо кој им поверувал дека неговата внука паднала по скали и има тешки повреди. Загрижениот старец без двоумење дал 10.000 евра оти му рекле дека требаат за операција.
Само пред три дена во Битола беше уапсена група која дејствувала на ист начин, а претходната недела во тиквешкиот регион беа регистрирани шест обиди за измами со приказни за „итни операции” и „тешко повредени роднини”.
Дрските измамници играат на најсилната карта – стравот, загруженоста и љубовта кон семејството. На која карта ќе играат во МВР? Иако апсат по некој измамник, разбојништвата се шират, земаат замав. Мора да има понастојчиви и поопсежни истражни мерки. Зарем и полициските инспектори ќе испадне дека се наивни како старите измамени лица?
Секако, потребна е и поголема едукација преку превентивни кампањи насочени кон повозрасните граѓани. Треба да им се објаснат состојбите.
Тоа мора да го прават и државните институции, но и самите членови во семејството. Зарем ќе се остави не многу инвентивните измамнички шеми да ограбуваат постаро население во земјава?
