Документарниот филм „Меланија“, посветен на првата дама на САД, Меланија Трамп, синоќа ја имаше својата свечена премиера во Кенеди – центарот во Вашингтон. Филмот, во продукција на Amazon MGM Studios, ја следи Меланија Трамп во деновите пред втората инаугурација на претседателот Доналд Трамп и веќе предизвикува силни реакции поради својата цена, политичкиот контекст и јавната поддршка од врвот на власта.
На гала-вечерта присуствуваа претседателот Трамп, членови на неговиот кабинет и бројни јавни личности. Гостите не штедеа пофалби за првата дама, опишувајќи ја како „хумана“, „брилијантна“, „сочувствителна“ и „интелигентна“, додека самиот документарец беше наречен „невиден досега“.
Филмот, кој наводно бил купен за 40 милиони долари, со дополнителен маркетинг буџет од 35 милиони, се вбројува меѓу најскапите документарци во историјата. Целиот Кенеди центар беше брендиран со името на Меланија Трамп — од фасадите до скалите — нешто што новинарите го опишаа како преседан.
Изненадување за медиумите беше и фактот што претседателот и првата дама поминаа повеќе од половина час одговарајќи на прашања на „црниот тепих“. „Вечерва е за првата дама“, порача Трамп, додавајќи дека Меланија има големо влијание врз него и дека е личност на која ѝ верува.
Самата Меланија Трамп изјави дека се надева документарецот да биде инспиративен, особено за жените. „Секој ќе се поврзе со филмот на одредено ниво. Младите жени можат да видат дека е возможно да имаат и семејство и бизнис“, рече таа.

Голем дел од вниманието, сепак, беше насочено кон контроверзниот договор со Amazon и новоформираната продукциска куќа Muse Films. Претседателот тврдеше дека не бил вклучен во преговорите, додека Меланија изјави дека Amazon бил избран затоа што понудил кино-дистрибуција на глобално ниво.
Режисерот Брет Ратнер, кој ова го нарече свој прв проект по обвинувањата за сексуално вознемирување за време на движењето #MeToo, остро ги отфрли тврдењата дека станува збор за корпоративна корупција.
„Ова не беше за збогатување. Парите беа вложени за да се направи врвен филм — најдобра екипа, најдобра музика. Кога ќе го видите, ќе знаете каде отидоа средствата“, изјави тој.

Ратнер додаде дека Меланија инсистирала филмот да биде направен за големото платно и за глобална публика, а не како класичен телевизиски документарец.
И покрај тоа што филмот од денес почнува да се прикажува во 1.500 кина ширум светот, продажбата на билети засега е скромна, а прикажувањето во Јужна Африка беше ненадејно откажано.
Премиерата ја поддржаа и високи функционери, меѓу кои и спикерот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон, кој изјави дека филмот има „непроценлива културна вредност“ и дека зад сцената прикажува поинаква слика за првата дама.
На настанот присуствуваа и Роберт Ф. Кенеди Џуниор, Пит Хегсет, Ли Зелдин, како и други членови на администрацијата, кои ја опишаа Меланија Трамп како достоинствена и често неправедно нападната личност.

И покрај критиките за тајмингот на премиерата, во сенка на неодамнешните протести и политички тензии во земјата, претседателот Трамп порача дека е уверен во своето наследство:
„Имаме најбезбедна држава и најсилна војска. Верувам дека ова ќе биде запаметено како големо наследство.“
