Наместо парите од партиципација да одат за пациенти, лекови и за работата на болницата – завршувале во џебови и по кафеани. Основното јавно обвинителство – Прилеп поднесе обвинение против осум лица и една фирма за сериозни злоупотреби во прилепската болница, направени во периодот од 2022 до јули 2024 година.
Според истрагата, главна осомничена е поранешната директорка, заедно со уште тројца вработени, кои наводно извлекле 9.605.081 денари или околу 156 илјади евра, преку лажни исплати – пари што биле собрани од граѓаните како партиципација за здравствени услуги.
Се правеле лажни налози за работа и исплати на рака, како да биле завршени некакви услуги за болницата. Но, за тие исплати немало договори, немало вистински докази, ниту оправдување зошто се трошат парите.
А кога требало да се „покрие трагата“, дел од исплатите се правдале со фискални сметки – за гориво, пицерии, ресторани, кафеани, кафулиња и слаткарници.
За да ги прикријат делата , според обвинителството, се внесувале лажни податоци, а старите записи се менувале и „поправале“ за да одговараат на измислените исплати.
Обвинение има и за уште една линија на злоупотреби – овој пат преку фирма за обезбедување. Поранешната директорка, еден обезбедувач, управител и двајца сопственици на фирмата, како и самата агенција, се товарат дека во два наврати направиле договор кој постоел на хартија, но во практиката, не се исполнувал.
Притоа, според Обвинителството, фирмата заработила 6.567.538 денари, а болницата била оштетена.
Поранешната директорка дополнително се товари и дека од болничката ставка „храна за болни“, при што е направена штета од 1.439.987 денари.
Во исто време, се сомничи дека биле исплаќани и неосновани прекувремени часови на селективно избрани вработени, со што буџетот на болницата бил оштетен за уште 1.850.895 денари.
Од Обвинителството додаваат дека за дел од случајот, истрагата продолжува и понатаму, врз основа на пријава од Финансиската полиција и наоди од Државниот завод за ревизија.
