R&B ѕвездата Крис Браун, повторно се соочува со сериозни обвиненија за наводен физички напад, овојпат врз музички продуцент, при што снимките од безбедносните камери прикажуваат вознемирувачки сцени на насилство.
Американскиот пејач Крис Браун (36) повторно се најде во фокусот на јавноста поради тежок правен случај, откако беше обвинет за наводно брутален напад во луксузен ноќен клуб во Лондон.
И покрај тежината на обвиненијата, судот му дозволи да се врати во Соединетите Американски Држави, под услов да плати висока кауција и строго да се придржува до судските мерки.

Браун денеска се појави пред судот Southwark Crown Court во Лондон, каде и претходно ја негираше вината за кривичното дело нанесување телесни повреди. Тој ги отфрли и обвинувањата дека на јавно место поседувал опасно оружје – односно шише – како и сериозното обвинение за обид за нанесување тешки телесни повреди.
Според обвинението, инцидентот се случил на 19 февруари 2023 година во ноќниот клуб Tape, лоциран на Hanover Square во центарот на Лондон. Обвинителството тврди дека Браун повеќепати го удрил музичкиот продуцент Абрахам Диа со шише текила во пределот на главата. Истражната постапка се потпира и на снимки од надзорни камери, на кои, наводно, се гледа како пејачот го напаѓа со удари со раце и нозе.
Браун, кој има две Греми награди и е познат по песни како „Loyal“, „Run It“ и „Under the Influence“, минатата година доби кауција откако плати 5 милиони фунти за да ја започне турнејата „Breezy Bowl XX“. Турнејата заврши во октомври.
