Град Скопје доби нов буџет, „тежок” 5,2 милијарди денари. За претседателот на градскиот совет, Даме Димитровски ова означува почеток на реална преродба на главниот град, нагласувајќи дека со новиот буџет ќе се исполнат темелните политики за развиено Скопје што беа најавени во кампањата.
Клучните елементи се средствата за животната средина што се речиси двојно зголемени, повеќе средства наменети се за капитални инвестиции, а особено внимание ќе се посвети и на оживување на јавните простори, кажа Димитровски. За следната година и образованието и младите остануваат како темелен приоритет, а културата добива поголема поддршка.
Партијата Левица соопшти дека не се нуди суштински одговор на клучните проблеми на градот, не содржи системски мерки за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните и според нив oтстапува дури и од предизборната програма на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Затоа и нивните советници не го гласале.
