Освен на депонијата Вардариште, бездомни лица се мапирани и на повеќе други локации во Скопје. Заменик-министерот за социјална политика, демографија и труд, Ѓоко Велковски, изјави дека веќе е подготвено решение за нивно сместување и дека проблемот ќе се решава по примерот на изградбата на типските куќи во штипската населба Мирјанина Црква.
Велковски посочи дека вакви диви населби има на неколку места во градот, меѓу кои Визбегово, Бутел, поранешниот Дом за деца „Ранка Милановиќ“, како и Вардариште. Според него, до Владата е испратена комплетна информација со конкретни чекори, активности и акциски план за постапување.
Тој нагласи дека не е доволно луѓето само да се дислоцираат од овие локации, туку мора да се изградат соодветни станбени капацитети во кои ќе бидат сместени лицата што немаат свој дом. Дополнително, потребно е да се обезбедат средства за реализација на Акцискиот план, со кој е предвидено трајно решавање на нивното станбено прашање.
Велковски додаде дека процесот е посложен и подолготраен, затоа што се работи за обезбедување трајно домување за бездомните лица на неколку различни локации. Како позитивен пример го истакна Штип, каде во новоизградените типски куќи, финансирани од ЕУ и од буџетот на Општина Штип, веќе се вселени 36 семејства кои претходно живееја во субстандардни услови.
