Од почетокот на годинава до 27 ноември, во Македонија се регистрирани 38 нови случаи на ХИВ/СИДА, што претставува намалување од 25,5 отсто во споредба со истиот период лани кога биле 51 случај. Според најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), оваа година се евидентирани и осум смртни случаи поврзани со болеста.
Вирусот и понатаму најмногу ја погодува машката популација – од 38-те новооткриени случаи, 37 се мажи, а само еден е од женски пол. Просечната возраст на заразените е 35 години, при што над 73 проценти се млади лица на возраст од 20 до 39 години.
Анализата покажува дека кај 29 лица преносот се случил во рамките на МСМ популацијата (мажи кои имаат секс со мажи), додека кај пет лица е регистрирана хетеросексуална трансмисија.
ИЈЗ нагласува дека Македонија останува земја со ниска преваленца на ХИВ, но предупредува на долгогодишен тренд на раст, бидејќи 32 проценти од вкупно 726 регистрирани случаи од 1987 година досега, се откриени во последните пет години.
„Слично како и во останатите земји од европскиот регион, мажи кои имаат секс со мажи се изложени на поголем ризик од ХИВ инфекција. Во последните 10 години, 72,8 отсто од регистрираните случаи се кај мажи кои имале секс со мажи“, истакнуваат од ИЈЗ.
