Специјализираната судница во затворот „Идризово” е местото во кое утре ќе бидат вперени очите на македонската јавност. Почнува судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс” во Кочани во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени.
Обвинението, поднесено во јуни годинава, опфаќа 34 физички и три правни лица, обвинети за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив се тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници и двајца поранешни министри за економија. Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на дискотеката „Пулс”.
Обвинението ќе го застапува тим од околу 15 обвинители за да не се одолговлекува постапката.
Правда и соодветни казни очекуваат и најблиските на трагично загинатите и целата македонска јавност. Најавено е дека судењето ќе се води со темпо од две рочишта неделно. На потег е македонското судство и обвинителство.
