Дождливото утро во Скопје предизвика сообраќаен метеж на повеќе крстосници. И оние скопјани кои вообичаено одат на работа пеш или со велосипед сега тргнаа со возило. Сообраќајниците кои водат кон централниот дел на градот беа претесни, се формираа долги колони, а некаде дури и се беше заглавено. Ова стана вообичаена слика во Скопје. За да се стигне од Лисиче или од Горче Петров до Центар неретко треба дури и до еден час. До кога ќе биде така? Очигледно е дека транспортната инфраструктура не е во состојба да ги задоволи потребите на град кој постојано расте по број на жители и возила. Локалните власти низ годиниве многу планови и ветувања даваа, но малку од тоа реализираа. Имаме дури и скапо платени мостови кои со години не водат до никаде оти споро се прават сообраќајниците. Беа ветувани и подземни улици, па дури и тунел под Калето… но ништо од тоа, па сообраќајните метежи продолжуваат. По изборите овој проблем треба да биде еден од главните приоритети на новоизбраните локални раководства.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
