Војната во Украина и преговорите за мир
Крвавите битки продолжија низ целата година носејќи со себе илјадници загинати лица и големи разурнувања. Последици чуствува и цела Европа, а и светската енергетска, трговска и безбедносна политика.
Едноставно, војната во Украина достигна вистински светски размери во која се вклучени индиректно десетици држави. Во голем дел од годината имаше и преговори за мирно решение на војната кои се уште траат, како што траат и борбените дејствија.
Инаугурација на Доналд Трамп за претседател на САД
20 јануари 2025 година, новиот американски претседател Доналд Трамп го нарече „ден на ослободување”. Тогаш тој заседна во Белата кука во Вашингтон. Уште првиот ден потпиша извршни наредби за прогласување на вонредна национална состојба на јужната граница. Потоа следеа опаски дека Гренланд треба да се приклучи на САД, па почнаа да се воведуваат царини на повеќето земји од светот што предизвика многу комешање во светската економија и политика.

Војната во Газа
И по две години војната во Газа тлееше и во 2025 година. Израел сакаше воено да ја победи палестинската милитантна организација Хамас. При тоа имаше многу разрушувања, цивилни жртви и население кое ги напушта своите живеалишта што доведе до голема хуманитарна криза. Под притисок на американскиот претседател Доналд Трамп Израел и Хамас постигнаа договор за прекин на огнот во Појасот Газа и ослободување на заложниците како дел од планот за ставање крај на војната. Се уште има стравувања како ќе се спроведе договорот.
12-дневната војна Израел – Иран
Долготрајните тензии и меѓусебни обвинувања меѓу Израел и Иран предизвикаа да има невидени досега директни ракетирања и разорни воздушни напади помеѓу овие две држави. Се стресе целиот Блиски Исток. На крајот бомбардирање на одредени цели во Иран изврши и САД. Двете блискоисточни земји се договорија за сопирање на насилството и потоа гласно прогласија успех во оваа војна која можеше да го запали светот. Тензиите мсѓу нив се уште траат.
Геополитички тензии меѓу Кина и САД
Често низ оваа година односите на двете супер сили САД и Кина беа тензични. Нивните недоразбирања се пред се околу иднината на Тајван. Но Кинеско-американските односи особено се влошија откако САД ги проширија технолошките ограничувања како и царините за кинеските бродови и производи. Кина одговори со построги контроли врз извозот на ретки метали кои се многу потребни на Вашингтон. Сето тоа доведе до неизвесност во меѓународната трговија. А и технолошката индустрија трпи удари што го загрозува светскиот индустриски раст.
Пад на економијата и упорна инфлација
Економијата во поголемиот дел од светот влезе во период на забавен раст. Имаше и упорна инфлација. Како резултат на тоа паѓа куповната моќ на населението и тоа не само во помалку развиените држави, туку и во земји што традиционално се сметаат за економски силни. Како што велат експертите сето тоа е последица на неколкуте удари на економијата што се случуваа минатите неколку години како што се – пандемијата, војната во Украина, растот на цените на енергентите и храната, како и неизвесноста откако се наметнуваат царини од сите страни.

Европската унија во видлива криза
ЕУ слабо одговори на повеќе предизвици, пред се на етаблирањето во светската геополитика, како и во отпорноста на економската конкуренција од САД и Кина. ЕУ во оваа година видливо стана спореден светски политички играч, а нејзината роба не е конкурентна како порано на светските пазари. На сето тоа се додаваат и се повидливите поделби меѓу земјите членки. Годинава бевме сведоци и на многу протести, незадоволства на граѓаните поради падот на страндардот. Се затвораа и многу фабрики, се губат работни места. ЕУ го има и проблемот со многубројната миграција.

Вештачката интелигенција стана секојдневие
Вештачката интелигенција предизвика бум и стана централна глобална тема. Станува и голема индустриска гранка. Во целиот свет дојде до масовна примена на вештачката интелигенција, при што беа воочени и многу недостатоци, но и ризици од нејзино користење. Има и обиди за регулација на користење на вештачката интелигенција која секојдневно се доразвива. Низ годината бевме сведоци како вештачка интелигенција значително ги подобри работењата во некои индустрии, но и во секојдневниот живот.
Екстремни временски појави низ планетата
Климатските промени предизвикаа екстремни временски појави низ целата година. Светот беше сведок на долготрајни и масовни пожари кои голтаа и шуми и инфраструктира. Во други делови на планетата пак имаше разорни поплави и големи свлечишта на цели ридови и падини на планините. Од друга страна екстремно високите температури предизвикуваа големи суши. Не беше поштеден ниту еден континент на планетата од временски непогоди.
Мигрантски и бегалски кризи
Во 2025 година продолжи мигрантската и бегалската криза во светот. Сето тоа е како последица на разните војни, но и поради сиромаштија. Луѓе масовно ги напуштаат своите живеалишта и поради климатски катастрофи.
Економските мигранти се најбројни и тие се движат од земјите кои некогаш биле колонии кон земјите кои го собирале богатството во колонизаторските времиња. Ваквите случувања предизвикуваат тензии, кризи, но и многу лични катастрофи низ светот. Последиците ќе се чуствуваат уште долго, а да не зборуваме дека миграциите не престануваат.

