ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека поранешните функционери Зоран Заев, Венко Филипче и Љупчо Николовски во период на криза дозволиле манипулации со стоковните резерви и со тоа ја загрозиле националната безбедност. Според партијата, отписот на околу 2.000 тони пченица и последователната набавка на 20.000 тони по повисока цена отвораат сомнежи за злоупотреби и корупција.
Од опозициската партија наведуваат дека државата за новата количина пченица платила околу 8,6 милиони евра, односно околу 26,6 денари за килограм. Тие тврдат дека според берзанските цени во Нови Сад и пресметаните трошоци за транспорт, реалната цена била пониска, што, според нив, создава разлика од околу 1,3 милиони евра на товар на граѓаните.
ВМРО-ДПМНЕ наведува и дека во истиот период бил доделен грант од околу 1,4 милиони евра на компанија која партијата ја поврзува со семејството Заеви, поврзувајќи го тоа со „контрауслуга“ за претходните одлуки. Поранешните функционери засега не реагирале на ваквите тврдења.
Од партијата бараат Јавното обвинителство и Државната комисија за спречување на корупцијата да отворат постапки и да го испитаат случајот.
