Врховниот суд ја укина правосилната пресуда за трагичната автобуска несреќа кај Ласкарци и предметот го врати на повторно судење пред Основниот кривичен суд Скопје.
Одлуката е донесена на седницата на Советот за казниви дела одржана на 9 септември, при што се укинати пресудите на Основниот кривичен суд Скопје и на Апелациониот суд Скопје. Според Врховниот суд, во постапката пред пониските судови биле утврдени процесни недостатоци.
Со укинувањето на правосилната пресуда, осудените повеќе немаат правна основа да ги издржуваат казните според досегашната судска одлука и ќе бидат ослободени до повторното судење.
Автобуската несреќа кај селото Ласкарци се случи на 13 февруари 2019 година, кога автобус на компанијата „Дурмо турс“, во кој се превезувале 55 патници, излета од автопатот Скопје–Тетово и се преврте. Во несреќата загинаа 16 лица, а уште 30 беа повредени.
Во првостепената постапка беа осудени шест лица. Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, и одговорниот за транспорт во компанијата, Ремзи Мифтари, првично добија затворски казни од шест, односно пет години. По жалба на Обвинителството, Апелациониот суд ги зголеми казните на по 10 години затвор.
Вработените во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски и Горан Дуковски, беа осудени на по седум години затвор, Јане Боваровски на пет години, додека возачот Маноил Трифуновски доби казна затвор од 14 години.
Според тогашните судски одлуки, Белули и Мифтари не ги почитувале прописите за безбедност и дозволиле технички неисправен автобус да биде пуштен во сообраќај. Тројцата вработени во станицата за технички преглед биле прогласени за виновни затоа што дозволиле автобусот да помине технички преглед и покрај неговата неисправност.
За возачот Трифуновски беше утврдено дека знаел за техничките недостатоци на автобусот, но сепак го управувал возилото. Според пресудата, тој поради невнимание удрил во металната заштитна ограда, по што автобусот излетал од патот и се превртел.
Врховниот суд постапувал по барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда, поднесено преку бранителот на еден од осудените. Со пресудата КВП КОК2-18/26 се укинати пресудите од 23 април 2025 година и од 15 мај 2026 година, а предметот е вратен на повторно постапување и одлучување.
Причините поради кои Врховниот суд ја укинал правосилната пресуда ќе бидат познати по објавувањето на целосното образложение на одлуката.
Со ова, случајот за една од најтешките сообраќајни трагедии во Македонија повторно се враќа пред првостепениот суд, повеќе од седум години по несреќата.
