Војска на улиците, прогласен државен празник и морничаво празни приоди кон Исламабад ја одбележуваат подготовката на пакистанската престолнина за историските преговори меѓу Иран и САД.
Иако примирјето меѓу САД и Иран изгледа сè покревко поради постојаното израелско бомбардирање на Либан и несогласувањата околу условите за преговори, пакистанските власти се убедени дека клучниот мировен состанок ќе се одржи викендов според планот.
Судирот, кој започна на 28 февруари со нападите на Израел и САД врз Иран, однесе илјадници животи и предизвика глобален економски хаос. Иранската одмаздничка блокада на Ормутскиот теснец доведе до недостиг на нафта и гас во светот и ја поттикна најтешката енергетска криза досега.
Дипломатските напори на Пакистан во вторникот навечер доведоа до тоа двете страни да прифатат двонеделно примирје, откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека „целата цивилизација ќе умре“ ако Иран не ги исполни неговите барања. Како дел од договорот, закажан е состанок во Исламабад за постигнување траен мир, што се смета за голема дипломатска победа за Пакистан.
Сепак, над преговорите и примирјето се надвиснуваат сериозни прашања. Додека Иран и Пакистан тврдат дека прекинот на огнот го опфаќа и Либан, САД и Израел сметаат дека тоа е одделно прашање. Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан предупреди дека мировните разговори би биле бесмислени ако во исто време продолжат нападите врз Либан.
Во пресрет на првата рунда преговори, закажана за сабота, во Исламабад се распоредени војници и паравоени единици, а безбедноста е подигната на највисоко ниво. Улиците се речиси празни.
Пакистанските власти не откриваат детали за организацијата поради безбедносни и дипломатски причини, но потврдуваат дека подготовките се во тек.
Утрово се очекува пристигнување на американската делегација која ќе ја предводи потпретседателот Џеј Ди Венс, а ќе присуствуваат и специјалните пратеници Стив Виткоф и Џеред Кушнер.
Од иранска страна, делегацијата ќе ја сочинуваат министерот за надворешни работи Абас Аракчи и претседателот на парламентот Мохамад Багер Галибаф. Се очекува присуство и на високи офицери на Револуционерната гарда, како и делегации од земји од Персискиот Залив, вклучително Катар и Саудиска Арабија.
Поради високите безбедносни ризици, подготвени се неколку можни локации за состанокот. Најверојатно дел од учесниците ќе престојуваат во хотелот „Серена“, кој е испразнет и под строга контрола, а разгледувани се и владините објекти и безбедни воени локации.

