Како што веќе објавивме мировните преговори меѓу Иран и САД, одржани во Пакистан, завршија без договор.
Иранските медиуми за неуспехот ја обвинуваат американската страна. Новинската агенција Фарс, повикувајќи се на извор близок до иранската делегација, наведува дека „Американците на преговорите барале се што не успеале да добијат со војна“.
Според истиот извор, главните несогласувања се однесувале на Ормутскиот теснец и иранската нуклеарна технологија, како и на низа други нерешени прашања. Извор близок до преговарачите за Фарс изјавил и дека „американскиот тим барал изговор за да ја напушти преговарачката маса“.
Друга иранска агенција, Тасним, цитира неименуван извор кој порачал дека „Иран не брза со преговорите“.
Инаку, агенциите Фарс и Тасним се тесно поврзани со властите во Техеран и во меѓународни кругови се сметаат за полуслужбени државни медиуми.
Во меѓувреме, иранската делегација го напушти Пакистан по неуспехот на разговорите со Соединетите Американски Држави. Веста ја потврди новинската агенција Мехр во објава на платформата Икс.
И САД објавија слика од авионот на потпретседателот Венс на кој се гледа дека веќе е на пат кон Вашингтон.

