Собранието ги избра двајцата нови министри во Владата, откако пратениците со мнозинство гласови дадоа поддршка на предлозите доставени од премиерот Христијан Мицкоски.
Пратеникот Беким Сали се откажа од пратеничкиот мандат од пратеничката група на ВЛЕН и беше избран за министер за европски прашања, на местото на Орхан Муртезани, кој беше разрешен на истата седница.
Во исто време, за министер за животна средина и просторно планирање беше именуван Мухамет Хоџа, кој го презема ресорот од Изет Меџити, по неговиот избор за градоначалник на Општина Чаир на локалните избори.
Премиерот Мицкоски, образложувајќи ги предлозите, истакна дека измените имаат за цел целосно екипирање на Владата и обезбедување континуитет во работата на клучните ресори на централната власт.
Претседателот на Собранието Африм Гаши ги констатираше одлуките, при што за изборот на Хоџа гласаа 72 пратеници, сите „за“, а за изборот на Сали 71 пратеник, исто така без гласови „против“ или „воздржани“.
По гласањето, двајцата новоизбрани министри положија свечена заклетва, а своите процедурални обраќања ги одржаа на македонски и на албански јазик. Со изборот, Беким Сали автоматски ја презема и функцијата прв вицепремиер.
На седницата ѝ претходеше расправа во која пратениците од опозицијата, меѓу кои и од СДСМ и НАИ, ги оценија кадровските промени како неуспешни, додека пратениците од владејачкото мнозинство ги квалификуваа како дел од реформски процес во извршната власт.
