Скопски таксист бил приведен от полицијата под сомнение дека извршил разбојништво врз кинески турист, откако тој одбил да плати повисока сума од реалната цена на превозот.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, случајот се случил ноќеска во скопската општина Аеродром. Околу 01:50 часот, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода А.К. (29) од Скопје.
Од МВР информираат дека таксистот со своето приватно такси-возило го превезол Ј.Т. (26) од Кина до бараната локација.
Откако пристигнале на местото, според пријавеното, А.К. побарал од туристот да плати повисока сума од реалната цена на услугата. Кога патникот одбил да ја плати дополнително побараната сума, таксистот наводно му се заканил со остар предмет и му одзел пари.
Од полицијата велат дека по целосното документирање на случајот, Единицата за криминалистички истраги во рамки на ЕВР Аеродром и Драчево при СВР Скопје ќе поднесе кривична пријава против А.К. поради сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“.
