Сите 35 обвинети денеска се изјаснија за невини на рочиштето за катастрофалниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, што се случи на 16 март 2025 година и однесе 63 животи, меѓу кои и деца, додека над 200 лица беа повредени.
За невини се изјаснија и претставниците на трите обвинети фирми, меѓу кои и обезбедувачката компанија „Рубикон“, чиј сопственик Александар Нацев е меѓу обвинетите. Вработени во фирмата, според обвинението и по инструкција на менаџментот, дозволиле внесување и употреба на пиротехника што го запалила објектот.
Најголеми реакции во судницата предизвика изјавата на сопственикот на дискотеката, Дејан Јованов – Деко, кој исто така тврдеше дека е целосно невин за трагедијата. По него, еден по еден, и сите останати 34 обвинети се изјаснија дека не чувствуваат вина, при што дел од нив изразија зачуденост што воопшто се најдоа во обвинителниот акт.
Присутните родители на настраданите млади луѓе реагираа револтирано и гласно негодуваа, по што судијката Дијана Груевска-Илиевска упати апел за тишина за да може рочиштето непречено да продолжи.
За невини се изјаснија и Михаил Стојанов, синот на сопственикот Јованов, поранешните градоначалници Љупчо Папазов и Ратко Димитровски, како и поранешните министри Ваљон Сарачини и Крешник Бектеши.
