Во полициска акција во тетовското село Брвеница, која била спроведена рано утрово, уапсени се пет лица. Полицијата при претресот пронашла оружје, муниција, дрога и поголема сума пари. Уапсените лица се на возраст од 36 до 69 години.
Полициски тимови од СВР Тетово, со судска наредба, претресувале куќи, помошни објекти и патнички возила. Кај еден од осомничените биле пронајдени неколку паковки со бела прашкаста материја, куршуми за автоматска пушка, куршуми за пиштол и чаура. Кај друго лице биле одземени муниција, пиштол и рамка со куршуми кои ги поседувал без дозвола, како и дигитална вага со остатоци од прашкаста материја.
При претресите, кај трет осомничен бил откриен пиштол без дозвола, додека ловечкиот карабин, ловната пушка и уште еден пиштол ги поседувал легално. Кај четврто лице полицијата пронашла два списоци и тетратка со имиња, два компјутери, како и поголема количина готовина – над 31 илјада евра, швајцарски франци и денари. Кај петтиот осомничен е пронајдена бела прашкаста материја.
Лицата се задржани во полициска станица, а по целосно расчистување на случајот против нив ќе следуваат соодветни пријави за недозволена трговија со дрога и оружје.







