Данската ракометна репрезентација е нов европски шампион, откако во финалето одиграно во Хернинг ја совлада Германија со убедливи 34:27. Со оваа победа Данска по четврти пат во својата историја го освои Европското првенство и првпат по титулата во 2012 година.
Најефикасни во редовите на новиот шампион беа Симон Питлик со осум погодоци, како и Јохан Хансен и Матијас Гидсел со по седум гола. Кај Германија, најмногу се истакнаа Јоханес Гола, Јури Кнор и Марко Гргиќ, кои постигнаа по пет голови.
Данска уште од стартот на натпреварот делуваше посигурно и покомпактно, но Германија успеваше да одржи резултатска неизвесност. Германскиот голман Андреас Волф имаше неколку одлични интервенции, додека кај Данците, по послабата партија на Емил Нилсен, во игра влезе Кевин Молер и со серија одбрани ја стабилизираше одбраната.
Клучен момент во првото полувреме беше исклучувањето на германскиот дефанзивец Том Кислер поради груб фаул врз Гидсел, по што Германија влезе во резултатска криза. И покрај тоа, полувремето заврши со минимална предност од два гола за Данска.
Во вториот дел се играше динамичен и израмнет ракомет, но по десетина минути Данците успеаја да направат поголема разлика. Германија постепено го губеше ритамот и не успеа да се врати во мечот, иако на десет минути пред крајот заостануваше со само два гола.
Во финишот Данска ја потврди класата, го зголеми водството и без поголеми проблеми стигна до заслужена победа и нова европска титула. Претходно, Данците беа европски шампиони во 2008 година во Норвешка и во 2012 година во Србија.







