Резултатите од Програмата за меѓународно оценување на учениците – PISA, покажуваат дека 15-годишните ученици во Северна Македонија и понатаму се со постигнувања под просекот на развиените земји во трите главни области – математика, читање и природни науки.
Според последното оценување, учениците од земјава по математика постигнале просечно 369 поени, по читање 342 поени, додека во областа на науката, која беше главна тема во овој циклус, резултатот изнесува 378 поени.
Само 32 проценти од учениците го достигнале основното ниво на знаење по математика, додека по читање тоа ниво го постигнале 26 проценти од учениците. Во природните науки, минималното ниво на компетентност го достигнале околу 36 проценти од учениците.
Податоците од PISA покажуваат дека пад на резултатите има и на глобално ниво, особено во областите на читањето и математиката, а како можни фактори се посочуваат последиците од затворањето на училиштата за време на пандемијата со КОВИД-19, но и зголеменото дигитално одвлекување на вниманието кај учениците и намалениот интерес за читање.
На светската ранг-листа најдобри резултати во читање и математика повторно имаат азиските земји, меѓу кои Сингапур, Јапонија, Јужна Кореја и Тајван. Значаен напредок во природните науки бележи и Турција, која е рангирана високо во оваа област.
Резултатите укажуваат дека дел од учениците имаат потешкотии со основните функционални знаења – разбирање и толкување информации од текстови, читање графикони и податоци, како и примена на математички вештини во секојдневни ситуации.
PISA, која првпат беше спроведена во 2000 година, денес се смета за една од најзначајните меѓународни мерки за оценување на квалитетот на образовните системи и способноста на учениците знаењето да го применат во реални ситуации.
