Премиерот на Пакистан, Шехбаз Шариф, објави дека Иран и САД, заедно со своите сојузници, се согласиле на итен прекин на огнот. Примирјето се однесува на сите подрачја, вклучително и Либан, и стапува на сила веднаш.
„Срдечно ја поздравувам оваа мудра одлука и изразувам најдлабока благодарност до раководствата на двете земји“, изјави Шариф.
Тој воедно ги покани делегациите на сите вклучени страни во Исламабад во петок, на 10 април на преговорите за конечен договор.
„Искрено се надеваме дека ‘Исламабадските разговори’ ќе доведат до одржлив мир и дека во наредните денови ќе споделиме уште добри вести“, додаде пакистанскиот премиер.
Истовремено и Иранскиот врховен безбедносен совет го соопшти истото и тврди дека извојувале голема победа и ги принудиле САД да го прифатат нивниот план од десет точки. Официјален Техеран објаснува дека разговорите, кои би можеле да траат до 15 дена и да бидат продолжени со договор, имаат за цел финализирање на деталите од нивниот предлогот, кој вклучува одредби за непречен транзит низ Ормускиот теснец, ублажување на санкциите и повлекување на американските борбени сили од регионалните бази.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека се согласил „да го запре бомбардирањето и нападите врз Иран за период од две недели“, под услов Техеран целосно да го отвори Ормутскиот теснец.
Белата куќа го оцени привремениот прекин на огнот на Блискиот Исток како „работна основа за преговори“, но нагласи дека „ништо не е конечно додека тоа не го објави претседателот“.
По објавата на Трамп, со соопштение се огласи и портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит.
„Зборовите на претседателот Трамп зборуваат сами за себе: ова е работна основа за преговори, а тие ќе продолжат. Вистина е дека претседателот Трамп и нашата моќна војска го натераа Иран да се согласи на повторно отворање на Ормутскиот теснец, а преговорите ќе продолжат“, изјави таа.
„Се водат разговори за директни преговори, но ништо не е конечно додека тоа не го објави претседателот или Белата куќа“, додаде Левит.
Со двонеделното примирје согласен е и Израел.

