Општина Карпош продолжува со активностите за следење на квалитетот на амбиенталниот воздух на својата територија, со цел навремено откривање на потенцијални извори на загадување и преземање мерки за заштита на животната средина.
Во рамки на активностите, стручни лица од лиценцирана компанија ангажирана од Општина Карпош извршиле мерења на квалитетот на воздухот на неколку локации низ општината. Процесот се реализирал во присуство на овластен инспектор за животна средина од локалната самоуправа.
Од Општината информираат дека по добивањето на официјалниот извештај и деталната анализа на резултатите, доколку бидат утврдени неправилности, ќе бидат преземени соодветни мерки согласно законските надлежности.
„Контролата и следењето на состојбата со амбиенталниот воздух се важен дел од заложбите за создавање почиста и поздрава животна средина“, посочуваат од Општина Карпош.
Локалната самоуправа упатува апел до правните и физичките лица доследно да ги почитуваат законските обврски и мерките за спречување на загадувањето.
Од Општината нагласуваат дека подобрувањето на квалитетот на воздухот е заедничка одговорност, бидејќи состојбата со животната средина директно влијае врз здравјето и квалитетот на живот на граѓаните.
