Иран и САД, заедно со своите сојузници, се согласиле на итен прекин на огнот. Примирјето се однесува на сите подрачја, вклучително и Либан, и стапува на сила веднаш. Ова го соопшти премиерот на Пакистан, Шехбаз Шариф. Тој ги покани делегациите на сите вклучени страни во Исламабад во петок, на 10 април на преговорите за конечен договор.
Истовремено и Иранскиот врховен безбедносен совет го соопшти истото и тврди дека извојувале победа и ги принудиле САД да го прифатат нивниот план од десет точки.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека се согласил „да го запре бомбардирањето и нападите врз Иран за период од две
недели”, под услов Техеран целосно да го отвори Ормутскиот теснец.
Белата куќа го оцени привремениот прекин на огнот како „работна основа за преговори”, но нагласи дека „ништо не е конечно додека тоа не го објави претседателот”. Со двонеделното примирје согласен е и Израел.
За потсетување, пред два дена Трамп упати силна закана дека немилосрдно ќе го бомбардира Иран споменувајки „уништување на цивилизација”, а стотици илјади Иранци пркосно излегоа околу најважните објекти во земјата за да ги штитат со своите тела.

