Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата и во иднина ќе дава поддршка на приватните инвестиции во енергетскиот сектор, особено на проектите кои овозможуваат поголемо домашно производство на енергија и придонесуваат за намалување на загадувањето.
Изјавата ја даде при пуштањето во употреба на нова приватна когенеративна централа, која истовремено ќе произведува електрична и топлинска енергија.
„Што значи когенеративна централа? Тоа значи дека во исто време ќе произведува и топлина за затоплување на домовите на граѓаните, но и електрична енергија. Ова е навистина успешен проект, особено ако се имаат предвид предизвиците што нè очекуваат во текот на претстојната зима“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека при посетата имал можност да се запознае со техничките капацитети на централата, вклучувајќи ги гасните мотори, автоматиката и останатата опрема, како и со подготовките на инвеститорот за почетокот на грејната сезона.
Премиерот информираше дека биле презентирани и плановите за понатамошно проширување на инвестицијата.
Според него, ваквите проекти имаат двојно значење – обезбедуваат дополнителни количини енергија и истовремено придонесуваат за подобрување на квалитетот на животната средина.
„Ова е во насока на подобрување на квалитетот на животната средина, намалување на емисиите на штетни честички во воздухот и убеден сум дека ваквите проекти претставуваат додадена вредност за квалитетот на животот на нашите граѓани“, истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека Владата ќе продолжи да ги охрабрува и поддржува инвестициите во современи енергетски капацитети.
„Ќе продолжиме да поддржуваме вакви проекти. Нека е со среќа и да имаме уште повеќе вакви инвестиции во иднина“, порача премиерот.
