Осум лица досега починале од западнонилска треска во Македонија, а регистрирани се вкупно 58 случаи, покажува најновиот извештај на Институтот за јавно здравје. Од вкупниот број случаи, 54 се потврдени, а четири се водат како веројатни, додека во последната недела се пријавени два нови случаи и два нови смртни исходи.
Сите осум починати се мажи од Скопје, нивната просечна возраст е 71,9 години, а седум од нив имале и други заболувања.
Од вкупно 58 заболени, дури 55 случаи се регистрирани во Скопје, додека по еден има во Велес, Куманово и Свети Николе.
Невроинвазивна форма на болеста развиле 56 лица и сите биле хоспитализирани, од кои 55 на Клиниката за инфективни болести и еден во „Аџибадем Систина“.
Од хоспитализираните потврдени случаи 43 се испишани, додека пет лица сè уште се на болничко лекување.
ИЈЗ посочува дека во 2026 година има значително зголемување на бројот на заболени и починати, бидејќи од 2011 до крајот на 2025 година биле регистрирани вкупно 54 лабораториски потврдени случаи и пет смртни исходи.
