Најмалку 16 лица го загубија животот, а повеќе десетици се повредени во две тешки сообраќајни несреќи што денеска се случија во Турција, во близина на Анталија и во провинцијата Бурдур.
Во првата несреќа, патнички автобус излетал од патот и се превртел во турската провинција Анталија, откако возачот не успеал да ја совлада кривината. Според локалните власти, загинале најмалку девет лица, а голем број патници се повредени и се пренесени во болниците во регионот, меѓу кои и Градската болница во Анталија.
Министерот за правда на Турција, Јилмаз Тунч, соопшти дека е покрената истрага за несреќата и дека се именувани еден заменик главен обвинител и двајца јавни обвинители. Гувернерот на Анталија, Хулуси Шахин, изјави дека во моментот на несреќата владееле лоши временски услови, со дожд и магла, но нагласи дека станува збор за делница на која не е дозволена висока брзина.
Во втората несреќа, на патот Анталија–Испарта, во провинцијата Бурдур, седум лица загинаа, а пет се повредени при директен судар на два автомобила. Повредените се хоспитализирани, а патот по завршениот увид е повторно отворен за сообраќај.
Министерот за внатрешни работи Али Јерликаја изјави дека двете несреќи ја потресле турската јавност и изрази сочувство до семејствата на загинатите, со желби за брзо закрепнување на повредените. Истрагите за двата случаи се во тек.







