Од УЈП информираат дека пред започнување со казните биле спроведени околу 3.500 советодавни посети, при што биле откриени низа неправилности: нефункционални или неправилно регистрирани фискални апарати, непријавен дневен промет и неводење соодветни финансиски извештаи.
Според анализите на податоците од ГПРС-системите, теренските контроли и ДДВ-пријавите, кај дел од обврзниците се забележани ризични состојби – исклучително ниски или идентични дневни промети, несогласувања меѓу фискалните уреди и ДДВ-пријавите, како и разлики меѓу капацитетот на објектот и пријавениот промет.
Од почетокот на годината до крајот на ноември, УЈП спровела околу 4.000 контроли. Притоа се изречени повеќе од 2.500 глоби, а 113 објекти се запечатени поради сериозни прекршувања.
УЈП уште еднаш апелира до граѓаните да бараат фискални сметки при секоја услуга, потсетувајќи дека евидентирањето на прометот е законска обврска. Од Управата предупредуваат дека непочитувањето на правилата ја поттикнува сивата економија и го оштетува буџетот.







