Поголема ефикасност во борбата против недозволената трговија со дрога, подобра институционална координација и посилен акцент на превенцијата и лекувањето на зависностите биле главните теми на денешната средба во Министерството за внатрешни работи.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за здравство Сашо Клековски разговарале со шефот на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) во Скопје, Уктам Насиров. Средбата, иницирана од Тошковски, била посветена на можностите за унапредување на пристапот во справувањето со недозволената трговија со дрога и психотропни супстанции.
На состанокот биле разгледани можности за користење на експертското знаење и искуството на UNODC преку јавни и стручни дебати, активности за подигнување на јавната свест за штетните последици од употребата на дрога, како и размена на искуства со други држави.
Една од темите била и подобрувањето на законската рамка. Притоа биле разгледани европски модели кои овозможуваат различен пристап кон поединечни случаи, во зависност од видот и количината на пронајдената дрога, како и од околностите на конкретниот случај.
Истовремено, било нагласено дека е потребно да се зајакне соработката со правосудните институции, но и да се обезбеди соодветен здравствен третман и поддршка за лицата кои се соочуваат со зависност.
Тошковски и Клековски истакнале дека борбата против дрогата треба да се темели на координиран институционален пристап, во кој покрај полициското и кривично-правното постапување, значајно место ќе имаат превенцијата, здравствената заштита и третманот на зависностите.
На средбата се разговарало и за поддршка на Националната опсерваторија за дроги и зависности, како и за продлабочување на соработката со Агенцијата за дроги на Европската Унија.
Шефот на Канцеларијата на UNODC во Скопје, Уктам Насиров, ја поздравил иницијативата и изразил подготвеност за натамошна соработка, размена на експертски искуства и примена на добри практики од регионот и Европа.
Учесниците на состанокот заклучиле дека успешното справување со недозволената трговија со дрога бара силен институционален одговор кон криминалните структури, но истовремено и континуирани мерки за превенција, здравствена грижа и третман на зависностите.
