Премиерот Христијан Мицкоски реагираше по одлуката на Врховниот суд да ја укине правосилната пресуда за автобуската несреќа кај Ласкарци, во која загинаа 16 лица, а десетици беа повредени.
Одговарајќи на новинарско прашање при пуштањето во употреба на реновираната зграда на Клиниката за неврофизиологија во Скопје, Мицкоски оцени дека одлуката претставува разочарување за него и за граѓаните.
Тој смета дека во правосудниот систем сè уште постојат, како што рече, „рецидиви и остатоци“ од претходната власт, обвинувајќи дел од судиите и обвинителите дека остануваат под влијание на оние кои ги поставиле.
„И тоа е уште едно разочарување, не само за мене, туку генерално и за граѓаните“, изјави Мицкоски.
Премиерот посочи дека ваквите случаи, според него, негативно влијаат врз довербата во правосудството и врз угледот на судиите и обвинителите кои чесно ја извршуваат својата работа.
Тој нагласи дека Владата нема да се откаже од заложбите за, како што рече, воспоставување правда.
„Тука не се откажуваме и нема да се откажеме, ќе продолжиме да се бориме. Правдата мора на крај да победи и ќе победи“, порача Мицкоски.
Врховниот суд претходно ја укина пресудата против обвинетите за несреќата кај Ласкарци и предметот го врати на повторно постапување пред првостепениот суд.
