Лидерот на крајно десничарската партија Ресни.ца, Зоран Стевановиќ, е избран за нов претседател на парламентот на Словенија, откако на тајно гласање доби поддршка од 48 пратеници, додека 29 беа против.
За избор беше потребно мнозинство од сите пратеници, односно најмалку 46 гласови, што овој избор го прави јасен сигнал за можна нова владејачка коалиција.
Според медиумите, Стевановиќ бил поддржан од досегашната опозиција Словенечката демократска партија на Јанез Јанша и Нова Словенија, додека против гласаа пратениците од владејачката коалиција – Движењето Слобода, Социјалдемократите и Левица.
Тие оценуваат дека ова е вовед во формирање на четврта влада на Јанша, додека партијата Ресни.ца, која освои пет пратенички мандати, се смета за клучен фактор во идното парламентарно мнозинство.
На изборите најмногу мандати освои Движењето Слобода со 29, додека СДС има еден помалку, а досегашниот премиер Роберт Голоб досега безуспешно се обидува да формира нова влада.

