Во Кавадарци денеска на 18. Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ се очекува да биде реизбран Христијан Мицкоски за лидер на партијата, како единствен кандидат за функцијата.
На Конгресот под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“ се очекува да присуствуваат 2 600 лица, од кои 850-860 делегати и 1700-1800 гости и на него треба да биде донесена „Стратегија Македонија 2030“.
„Генерално, станува збор за документ што ја содржи визијата за тоа како ние, како ВМРО-ДПМНЕ, во моментов владејачка партија, а се надеваме и во периодот кој што го опфаќа овој документ до 2030-тата ќе биде така, ја гледаме Македонија и кои се столбовите на кои што ќе ја темелиме нашата политика и како политичка партија и како најголема политичка партија во рамки на Владата,“ рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Според него, ова ќе биде до сега најмасовен Конгрес, ќа има и обраќања од неколку сестрински партии. Конгресот ќе се одвива според вообичаено сценарио – усвојување на дневниот ред, избор на работно претседателство што ќе претседава со самиот настан, усвојување на Стратегијата Македонија 2030, потоа избор на изборна комисија, предлог или предлози за кандидат(и) за претседател, обраќања на дел од делегатите, а ќе се разгледува и извештајот за материјално – финансиското работење на партијата.
Мицкоски најави дека доколку биде избран тоа ќе биде негов последен мандат како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи Статутот на партијата предвидува една личност да може да биде реизбрана за претседател најмногу три мандати.
