Конфликтот меѓу Соединетите Американски Држави и Иран дополнително ескалира откако Техеран соопшти дека нападнал десет бродови во близина на Ормускиот теснец, како одговор на американската акција во која беа уништени пет ирански танкери за нафта.
Ескалацијата веднаш се одрази и на светските енергетски пазари. Цената на суровата нафта „брент“ надмина 100 долари за барел, првпат од јули наваму. Според информациите, најмалку еден морнар загинал, а уште едно лице се води како исчезнато.
Иранската Револуционерна гарда соопшти дека, покрај нападите врз бродови, испалила и балистички ракети кон база во Јордан што ја користат американските сили.
Американската војска претходно објави дека уништила пет ирански танкери за нафта, наведувајќи дека станува збор за одговор на обидите на Иран да нападне американски воени бродови во Персискиот Залив.
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека Вашингтон ќе продолжи со вакви акции доколку Иран повторно се обиде да ги загрози американските сили.
По американските напади, Иран соопшти дека возвратил со напади врз два американски брода и осум танкери. Во меѓувреме, британската агенција за поморска безбедност УКМТО потврди дека примила повеќе извештаи за погодени трговски бродови во северниот дел на Заливот и Оманскиот Залив.
Според достапните информации, еден морнар загинал на танкерот „Херкулес Стар“, додека друг член на екипажот се води како исчезнат. Во одделни инциденти бил оштетен и танкер што превезувал мазут, а пријавени се и напади врз други пловни објекти во регионот.
Иранската Револуционерна гарда дополнително предупреди дека ќе го засили одговорот доколку продолжат американските напади, наведувајќи дека за секој нов удар врз ирански цели ќе следуваат уште посилни одмазднички акции.
Во меѓувреме, ситуацијата останува тензична и во Црвеното Море, каде што продолжуваат судирите меѓу Саудиска Арабија и Хутите, што дополнително ја зголемува загриженоста за безбедноста на глобалните енергетски рути и снабдувањето со нафта.
