Македонскиот репрезентативец Филип Талески ќе ја продолжи сезоната во унгарскиот ракометен клуб Татабања, кој официјално го потврди неговото доаѓање. Талески во новата средина пристигнува како слободен играч.
По разделбата со Вардар, левиот бек одржуваше форма преку индивидуални тренинзи, а сега го очекуваат неколкунеделни подготовки со новите соиграчи, во пресрет на продолжението на унгарското првенство, по завршувањето на Европското првенство.
Од таборот на Татабања посочуваат дека ангажирале искусен ракометар, кој може подеднакво квалитетно да придонесе и во нападот и во одбраната, што дополнително ја зголемува неговата вредност за тимот.
Во својата интернационална кариера, Талески има настапувано за етаблирани европски клубови, меѓу кои германските Рајн-Некар Левен и Балинген, како и португалската Бенфика. На домашната сцена, пак, ги носеше дресовите на Металург и Вардар.
Талески со години беше стандарден член на македонската репрезентација, сè до последните три големи натпреварувања.
