Општина Струга и едно одговорно лице се соочуваат со прекршочна постапка поради неправилна употреба на знамињата за време на прославата на Денот на албанското знаме на 28 ноември 2025 година.
Според МВР, настанот на главната улица „Маршал Тито“ бил организиран со истакнато знаме на заедниците, но државното знаме на Република Македонија целосно изостанало. Недостатокот бил забележан и на клучната бина и на дел од кејот на Црн Дрим, кои беа централни локации на прославата.
Поради овој пропуст, ОВР Струга поднесе барање за поведување прекршочна постапка против Општина Струга како правно лице и против 65-годишниот М.Ќ. од Биџево, кои се сметаат за одговорни за непочитување на член 6 од Законот за употреба на знамињата на заедниците, казниво по член 11.
Случајот ќе добие судски епилог, каде ќе се утврдува одговорноста за овој пропуст со државните симболи.
