Повозрасна жителка од Тетово пријавила дека била жртва на телефонска измама поврзана со наводна сообраќајна несреќа на нејзината ќерка. Станува збор за 79-годишна жена, која според пријавата до полицијата, била измамена за голема сума пари – 16.000 евра и 10.700 швајцарски франци, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Како што стои во соопштението, лицето што ја контактирало телефонски се претставило како лекар и ѝ кажало дека нејзината ќерка предизвикала сообраќајна несреќа, при што се здобила со тешки повреди и веднаш е потребна операција за која треба да се плати. Жената парите ги предала така што им ги фрлила од балкон на друга личност, а подоцна дознала дека била измамена.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, истакна дека повозрасните граѓани се најчеста цел на ваквите телефонски измами и апелираше на зголемена претпазливост. Тој повика граѓаните итно да ги пријавуваат ваквите случаи во полиција за да се превенираат понатамошни измами.
