Деветнаесетгодишник од Штип е приведен поради сомнение за бесправна сеча на огревни дрва во атарот на селото Калапетровци, информира Министерството за внатрешни работи.
Како што соопшти МВР, вчера околу 16:20 часот, на местото викано „Црн врв“, полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода С.К.(19) од Штип.
Според пријавеното, тој заедно со С.К.(22) и 14-годишен малолетник, исто така од Штип, извршиле бесправна сеча на огревни дрва. Дел од дрвата биле натоварени во патничко возило „фолксваген голф“, додека останатите биле подготвени за понатамошен транспорт.
Дваесет и двегодишниот осомничен побегнал од местото, додека малолетникот при обид да избега паднал и се здобил со тешка телесна повреда. Повредите биле констатирани во Клиничката болница во Штип.
Возилото и дрвата биле предадени на Шумската полиција. За случајот бил известен јавен обвинител, а по целосното документирање ќе следуваат соодветни поднесоци.
