Иницијативата „Разговори за иднината во 12:05“ повика на усвојување заедничка државна стратегија за забрзување на процесот на европска интеграција, оценувајќи дека членството во Европската Унија не смее да биде предмет на партиски пресметки и политички калкулации.
Реагирајќи на последниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија, од иницијативата посочуваат дека европската перспектива претставува долгорочен државен интерес, а не проект на една влада или политичка партија.
Според нив, ниту една политичка структура не треба да има ексклузивно право врз евроинтеграцискиот процес, ниту пак да го присвојува патриотизмот поврзан со европската иднина на државата.
Од иницијативата изразуваат загриженост поради оценките на Брисел за состојбата со политичката корупција, измените на Кривичниот законик од 2023 година, медиумските слободи и економските показатели.
Како пример за економските предизвици го наведуваат системот на поврат на ДДВ, посочувајќи дека од секои 100 денари собран данок, само 14,3 денари навремено се враќаат во стопанството.
Во исто време, иницијативата ги поздравува високата поддршка меѓу граѓаните за членство во ЕУ, резултатите во рамки на Планот за раст за Западен Балкан, спроведувањето на Реформската агенда и усогласеноста со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата.
Сепак, од „Разговори за иднината во 12:05“ сметаат дека овие позитивни чекори не можат да ги заменат неопходните внатрешни реформи, особено во борбата против корупцијата, политичкиот систем и изборното законодавство.
Меѓу нивните барања се изработка на национален план за повторно приклучување на Македонија кон групата земји со Албанија и Црна Гора во европскиот интегративен процес, како и постигнување политички и мултиетнички договор за потребните уставни измени.
Иницијативата предлага и воведување една изборна единица и отворени изборни листи, законски измени за спречување застарување на предмети за политичка корупција, како и проверка на потеклото на имотот на актуелни и поранешни избрани и именувани функционери и нивните најблиски членови на семејството.
