Осумнаесетмесечно момче од американската сојузна држава Аризона било прогласено за мртво по наводно давење во семејниот базен, но неколку часа подоцна се случил неверојатен пресврт – вработен во болничката мртовечница забележал дека детето сè уште покажува знаци на живот.
Случајот со малиот Винсент Фјордилино отвори сериозни прашања за постапувањето на медицинскиот персонал, особено по тврдењата дека полицаец кој бил на местото предупредил дека момчето има пулс.
Детето било прогласено за мртво на 8 февруари околу 18:20 часот во медицинскиот центар „Мерси Гилберт“ во Аризона, откако лекарите се обиделе да го реанимираат по инцидентот во семејниот базен.
Мајката Алексус Фјордилино раскажала дека во моментот кога последен пат го држела својот син во раце, ѝ се чинело дека слуша како тој дише. Таа веднаш го информирала лекарот, но, според нејзиното сведоштво, ѝ било кажано дека станува збор за последни рефлексни вдишувања и дека продолжувањето на реанимацијата само би го продолжило страдањето на детето.
Откако им поверувала на лекарите, мајката се простила од својот син. Сепак, повеќе од пет часа подоцна, кога телото требало да биде преземено од болничката мртовечница, еден од вработените забележал дека момчето сè уште дише.
„Го славевме Бога и плачевме. Кога ќе ви кажат дека вашето дете починало, а потоа ќе дознаете дека сепак е живо, тоа е чувство што не може да се опише“, изјавила мајката.
Случајот предизвика големо внимание во јавноста, а надлежните треба да утврдат како дошло до тоа детето да биде прогласено за мртво и дали биле испочитувани сите медицински процедури.
