Во Србија започна изборниот молк пред предвремените парламентарни избори, кој ќе трае до недела во 20 часот, кога ќе бидат затворени избирачките места.
На гласањето ќе учествуваат 18 изборни листи, а право на глас имаат околу 6,45 милиони граѓани. Тие ќе избираат 250 пратеници во Народното собрание на Србија.
Гласањето ќе се спроведува на 8.392 избирачки места, од кои 93 ќе бидат отворени надвор од земјата. Во Босна и Херцеговина ќе има 27 избирачки места, каде за гласање се пријавиле околу 20.000 српски државјани. Повеќе од 90 отсто од нив се во Република Српска, изјави генералниот конзул на Србија во Бања Лука, Милош Вујиќ.
За време на изборниот молк е забрането јавно претставување на кандидатите и изборните програми, повикување на гласачите да поддржат или да не поддржат одредена листа, како и објавување проценки и резултати од изборите пред затворањето на гласачките места.
За прекршување на изборниот молк се предвидени парични казни. За правни лица тие се движат од 100.000 до 600.000 динари, за одговорни лица во медиуми од 50.000 до 150.000 динари, за одговорни лица во правни лица од 20.000 до 50.000 динари, а физичките лица можат да бидат казнети со 10.000 до 40.000 динари.
Меѓу изборните листи кои ќе се борат за пратенички места се „Александар Вучиќ – Обединета Србија“, „Ивица Дачиќ – Фактор на стабилноста“, „Студентска листа – Студентите победуваат“, „Расим Љајиќ – Човечки (СДП–ЦДП)“ и „Сојуз на војводинските Унгарци – д-р Балинт Пастор“.
На изборите учествуваат и листите „Европска Србија – Мариника Тепиќ – Здравко Понош“, „Руска партија – Србија во БРИКС – Слободан Николиќ“, „Автентична десница – д-р Милош Јовановиќ – Храбро српски“, „СДА Санџак – Чувари на Санџак“, како и други политички опции.
Предвремените парламентарни избори, кои ќе се одржат на 25 октомври, се оценуваат како едни од најнеизвесните во Србија во последните децении. Анкетите не покажуваат јасен фаворит, а поддршката за студентската листа „Студентите победуваат“ и листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“ се разликува во зависност од истражувањето и методологијата.
Политичките аналитичари сметаат дека резултатот ќе зависи од излезноста и од одлуката на неопределените гласачи.
Во пресрет на изборите, српските власти спроведоа и полициски акции во неколку градови, при што беа уапсени лица осомничени дека планирале масовни немири на денот на гласањето.
