Македонските државјани одблизу ќе можат да ја посетат Саудиска Арабија благодарение на олеснетата визна процедура што ја воведе оваа земја.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека Северна Македонија е официјално додадена на листата на држави чии граѓани имаат можност да аплицираат за туристичка електронска виза (e-Visa) или да добијат виза по пристигнување (Visa on Arrival) за Кралството Саудиска Арабија.
Со новата одлука значително се поедноставува процесот за патување, со намалување на административните процедури и побрзо добивање дозвола за престој за туристички цели.
Од Министерството посочуваат дека олеснетиот пристап до визи создава дополнителни можности за развој на туристичката размена, зајакнување на деловните контакти и подобро поврзување меѓу Македонија и Саудиска Арабија.
