Министерството за јавна администрација предлага нов Закон за организација и работа на органите на државната управа, со кој треба појасно да се утврдат надлежностите на институциите, нивната одговорност и начинот на нивното функционирање.
Нацрт-законот, познат како ЗОРОДУ, беше разгледан на јавна дебата во Скопје, а за неговото усвојување во Собранието ќе биде потребно двотретинско мнозинство.
Предложените законски решенија ги регулираат односите меѓу Владата, министерствата, органите во нивниот состав, самостојните органи на државната управа и управните организации, со цел да се избегнат преклопувања на надлежностите и да се зголеми отчетноста.
Редовна проверка на институциите
Една од клучните новини е воспоставување јавна евиденција за самостојните органи на државната управа, како и обврска тие да поминуваат функционален и организациски преглед најмалку еднаш на секои пет години.
Според Министерството, ваквата практика треба редовно да покажува дали институциите и нивната организација одговараат на реалните потреби на државата и граѓаните.
Министерот за јавна администрација Горан Минчев оцени дека досегашниот систем довел до преклопување на надлежностите и недоволна одговорност, што негативно се одразувало врз граѓаните и компаниите.
„Институциите не смеат да бидат инструмент за задоволување партиски или бирократски интереси“, истакна Минчев, додавајќи дека организацијата на управата треба да биде насочена кон јавниот интерес.
Забелешки од синдикатите
Во рамки на јавната расправа беше отворено и прашањето за односот меѓу политичкото раководство и професионалната администрација. Според министерот, политичарите треба да ги креираат политиките, додека администрацијата треба да работи врз основа на закон и стручност.
Паралелно со организациската реформа, Министерството најавува и побрзи дисциплински постапки, наградување на успешните службеници и санкции за оние што не ги исполнуваат своите обврски.
Токму овие најави предизвикаа реакции од Синдикатот на УПОЗ, кој оцени дека законските решенија се избрзани и предупреди дека санкционирањето би можело да остави простор за политички притисоци врз административните службеници.
На стручната дебата беше посочено и дека реформите треба да ги земат предвид специфичностите на македонскиот систем, наместо механички да се преземаат модели од други држави.
Нацрт-законот е објавен на ЕНЕР со рок од 30 дена за јавни консултации, а најавена е и нова јавна расправа во собраниската Комисија за политички систем пред текстот да влезе во собраниска процедура.
