Нигериските здравствени власти потврдија прв случај на ебола во главниот град Абуџа, откако лабораториските тестови покажале присуство на вирусот кај пациентка.
Министерот за здравство Мухамед Али Пате информираше дека пациентката пристигнала во Нигерија од Уганда, во Источна Африка.
Од Министерството за здравство на Уганда дополнително соопштија дека жената службено патувала во источниот дел на Демократска Република Конго. Според нивните информации, таа на почетокот на октомври поминала низ Уганда без симптоми, а знаците на болеста се појавиле откако пристигнала во Нигерија.
Во меѓувреме, епидемијата на ебола во Демократска Република Конго, која беше прогласена во средината на мај, продолжува да предизвикува загриженост. Станува збор за епидемија предизвикана од реткиот сој Бундибуџо, која според здравствените власти прерасна во една од најголемите досега.
Кенија овој месец пријави девет случаи на ебола, кои се поврзуваат со лице што патувало од Конго.
Водечката африканска агенција за јавно здравје започна со мобилизирање поддршка за Нигерија. Директорот на агенцијата, Жан Касеја, изјави дека епидемијата предизвикана од сојот Бундибуџо веќе има најголема географска распространетост досега, со зафатени земји од три африкански региони.
„Оваа епидемија на ебола предизвикана од сојот Бундибуџо веќе стана географски најраспространета во историјата, зафаќајќи земји во три африкански региони“, напиша Касеја на социјалната мрежа „Икс“.
