Државниот оператор за пренос на електрична енергија МЕПСО до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) доставил барање за значително зголемување на тарифата за пренос на електрична енергија, која од јануари би можела да биде повисока за 97,68 проценти.
Според барањето доставено до РКЕ на 16 октомври, МЕПСО предлага просечната тарифа за пренос да се зголеми од сегашните 0,3018 денари на 0,5966 денари за киловатчас.
Компанијата за 2027 година побарала регулиран приход од околу 3,39 милијарди денари, што е значително повеќе од 1,88 милијарди денари, колку што беа одобрени за 2026 година.
Во исто време, во пресметките е предвидено намалување на количината електрична енергија што ќе се испорачува преку преносната мрежа. Наместо 6,24 милијарди киловатчасови, колку што беа планирани за оваа година, за следната се предвидуваат околу 5,68 милијарди киловатчасови.
Што се однесува до останатите енергетски компании, Националниот оператор на пазарот на електрична енергија – МЕМО не побарал промена на тарифата за организирање и управување со пазарот на електрична енергија.
Од друга страна, Електродистрибуција сè уште нема доставено барање за евентуална промена на тарифата, бидејќи постапката за набавка на електрична енергија за покривање на загубите сè уште не е завршена.
Конечната одлука за тарифите ќе ја донесе Регулаторната комисија за енергетика по разгледување на доставените барања.
