Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) активираше тимови за пребарување по исчезнато лице, за кое, според информациите, постојат индиции дека било забележано во близина на реката Вардар на подрачјето на Гостивар.
Акцијата е започната по официјално барање на Полициската станица Гостивар, а на терен се наоѓа и заменик-директорот на ДЗС, Кашмир Салиу.
Во потрагата учествуваат припадници на Тимот за брз одговор за спасување на води при ДЗС, со логистичка поддршка од Подрачното одделение на ДЗС – Гостивар.
Екипите работат во координација со полициските службеници од ОВР Гостивар и со локалните служби, со цел што побрзо да се лоцира исчезнатото лице.
Пребарувањето се одвива по текот на реката Вардар, почнувајќи од критичните точки во градот, па сè до низводните делови на реката.
Од ДЗС информираат дека тимовите ќе останат ангажирани сè до завршување на целокупната операција, без оглед на условите на теренот.
Воедно, Дирекцијата апелира до граѓаните од Гостивар и околните населени места, доколку имаат какви било информации што би можеле да помогнат во потрагата или забележат нешто долж речното корито, веднаш да ја известат полицијата, надлежните служби или да се јават на бројот 112.
За понатамошниот тек на акцијата, јавноста ќе биде дополнително информирана.
