Опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) денеска обвини дека голем број работници во Македонија се соочуваат со сериозни финансиски потешкотии и дека минималната плата не е доволна за покривање на основните животни трошоци.
Од партијата наведуваат дека само за храна и пијалаци за едно четиричлено семејство во октомври биле потребни 26.170 денари, што според нив претставува зголемување од речиси 2.000 денари во однос на почетокот на годината.
Според пресметките што ги објави СДСМ, синдикалната потрошувачка кошница надминува 70.000 денари, а со вклучен трошок за станбен простор вкупните месечни потреби надминуваат 90.000 денари.
„Ниту три плати не се доволни да се покријат основните животни трошоци“, велат од опозициската партија.
СДСМ тврди и дека од околу 540.000 вработени во земјата, приближно 180.000 лица примаат месечна плата пониска од 31.200 денари. Според нив, тоа значи дека околу една третина од работниците се под прагот на сиромаштија.
Од партијата ја обвинија Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски дека не презема доволно мерки за зголемување на платите, а како проблем го посочија и најавеното ангажирање странски работници.
„Наместо да ги зголеми платите, Владата размислува за увоз на економски работници како евтина работна сила“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека најавите за увоз на десетици илјади работници се погрешен пристап кон проблемот со пазарот на трудот.
