Непријатен мирис на чад од вчера попладне се чувствува во пошироката околина на Струмица, откако избувна пожар на депонијата во селото Еднокуќево.
Противпожарните екипи од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Струмица вчера интервенирале во два наврати – во попладневните и во вечерните часови. Акциите продолжиле и денеска, кога пожарникарите повторно излегле на терен уште во раните утрински часови со цел целосно локализирање и гаснење на огнот.
Градоначалникот на Општина Босилово, Ристо Манчев, информира дека во текот на денот се очекува да започнат активности за расчистување и потрупување на депонијата со соодветна механизација.
Според надлежните, овие активности треба да помогнат во стабилизирање на состојбата, намалување на можноста за повторно разгорување и полесно справување со пожарот.
Пожарите на депониите претставуваат сериозен проблем бидејќи, освен директната опасност од ширење на огнот, создаваат и дополнителни ризици поради чадот и непријатните мириси кои можат да се шират кон околните населени места.
Особено кај депониите, отпадот често може да продолжи да тлее во подлабоките слоеви и по гаснењето на површинскиот пламен, поради што е потребно подолго следење на состојбата и дополнителни интервенции.
Надлежните служби продолжуваат со активностите на терен, а ангажирањето механизација треба да придонесе за целосно надминување на проблемот со пожарот кај депонијата во Еднокуќево.
